Пред поштата во населбата Ново Лисиче денеска ќе започне проширувањето на булеварот „Видое Смилевски Бато“ што ги дели населбите Ново Лисиче и Реонскиот центар „Аеродром“ во општина Аеродром.
Почетокот на работите свечено ќе го означат градоначалниците на Град Скопје и на општина Аеродром, Трифун Костовски и Кирил Тодоровски.
Како што соопштуват од Град Скопје, булеварот ќе се проширува во должина од 510 метри. Во првата фаза ќе се проширува на потегот од крстосницата со булеварот „Србија“ до крстосницата со булеварот „Февруарски поход“. Таму е предвидено покрај постојната да се изгради дополнителна сообраќајна лента во должина од 500 метри, како и тротоар и велосипедска патека.
На крајот од првата фаза на изградбата на булеварот ќе биде поставена сообраќајна сигнализација и соодветно осветлување, додека во втората фаза ќе биде изградена и жардиниера во средишниот дел на булеварот со хортикултурно уредување по системот капка по капка.